петок, 24 април 2026

Русија ѝ се закани на ЕУ со одговор на новиот пакет санкции

Руската мисија во Европската Унија го обвини Брисел дека прибегнува кон економска принуда и екстратериторијална примена на мерки против суверените држави кои соработуваат со Русија во 20-от пакет „нелегални санкции“ против Русија, пишува ТАСС.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Европската Унија уште еднаш покажа целосно непочитување на меѓународното право и Повелбата на ОН, и покрај гласните изјави дека ги поддржува“, објави руската дипломатска мисија, коментирајќи го најновиот пакет санкции воведен од блокот. Таа додаде дека ЕУ за прв пат го вовела таканаречениот „инструмент против заобиколување на санкциите“ како дел од новиот пакет.

Според тој механизам, тврди руската мисија, ЕУ си дала право еднострано да го ограничи извозот на одредени стоки и технологија од ЕУ во трети земји, со образложение дека тие земји претставуваат „висок ризик“ за заобиколување на санкциите против Русија. „Во суштина станува збор за економска принуда и екстратериторијална примена на ограничувањата на ЕУ против суверените држави, со цел да се предизвика штета на нашата земја“, рекоа тие.

Руската мисија исто така потсети дека, според нејзина гледна точка, само санкциите воведени со одлука на Советот за безбедност на ОН се легитимни. „Сите останати се еднострани принудни мерки, односно во суштина самоволие и агресија, кои се спротивни на меѓународното право, Повелбата на ОН и нормите и принципите на мирни односи меѓу државите“, истакнаа руските дипломати.

Руската мисија изјави дека „бумерангот“ од 20-тиот пакет санкции на Европската Унија ќе се врати кај неговите автори и дека сите „нелегални дејствија“ против Русија ќе добијат „соодветен и навремен одговор“. „Руската економија има значителна отпорност, што е потврдено, меѓу другото, и со успесите на руската армија за време на специјалната воена операција“, објави мисијата, користејќи го официјалното руско име за војната во Украина.

Додаде дека претставниците на ЕУ треба да размислат за иднината на економијата на Европската Унија и целиот европски проект, особено во време на дестабилизација на глобалните енергетски пазари. Руската мисија ја обвини бирократијата на ЕУ дека им наметнала забрана на земјите-членки да купуваат руски јаглеводороди, наместо да се фокусира на благосостојбата на обичните европски граѓани.

„Економската реалност и времето ќе стават сè на свое место – бумерангот ќе им се врати на оние кои толку неодговорно го лансираа. Сакаме да нагласиме дека сите нелегални дејствија на Европската Унија против нашата земја несомнено ќе добијат соодветен и навремен одговор“, објави руската дипломатска мисија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ