Повеќе од 700 авганистански сојузници и нивните семејства се подготвуваат да бидат донесени во САД во наредните денови со специјални имигрантски визи. Повеќе од 70.000 Авганистанци добија такви визи од 2008 година.
„Овој лет претставува исполнување на американската посветеност и почит кон храбрата служба на овие Авганистанци да помогнат во поддршката на нашата мисија во Авганистан, од друга страна, помагајќи да се заштити нашата земја“, рече вишиот заменик-советник за внатрешна безбедност, Рас Траверс, во четвртокот.
Претседателот Бајден вети поддршка за авганистанските преведувачи и другите што ѝ помагаа на американската војска во текот на војната.
Огромно мнозинство од американските војници се повлече од Авганистан, додека безбедносната состојба таму се влошува.
Американската разузнавачка заедница предупреди дека авганистанската влада би можела да пропадне уште в година, откако ќе се засили талибанската воена офанзива.
Околу двестете Авганистанци што допатуваа во САД оваа недела – во рамките на „Операција сојузнички бегалци“ – ги поминаа ригорозните безбедносни проверки и ќе им биде извршен медицински преглед по пристигнувањето во Форт Ли во Вирџинија, рече Траверс, пред да бидат преселени во градовите низ целата земја.
Други Авганистанци може да бидат под закана, но во моментов не ги исполнуваат условите за специјалната програма за имигрантски визи, вклучувајќи жени лидери, активисти, бранители на човекови права и новинари.
Илјадниците авганистански сојузници што не постигнале толкав напредок во процесот за специјална имигрантска виза, ќе бидат преместени од Авганистан во трета земја заради безбедност, рече амбасадорката Трејси Џејкобсон, која ја предводи работната група на Стејт департментот во Авганистан.
Запрашана дали ќе има програма слична на онаа што им овозможи на некои ирачки сојузници да добијат статус на бегалец во земјата, Џејкобсон рече дека разгледуваат различни опции.






