Пред амбасадата на Албанија беше поставен билборд на кој Рама беше наречен предавник.
„Не заборавивме каков геноцид изврши Србија над цивилното население на Косово на чело со Милошевиќ и неговиот министер Вучиќ. Иднината на нашата држава е во Европската Унија и со поддршка од Соединетите Американски Држави, а не од она што вие го нарекувате „нова Југославија“. Ве потсетуваме кој е вашиот соучесник Вучиќ и кое злосторство го изврши врз цивилите на Косово“, пишува на билбордот.
За Косово соработката на Рама со претседателот на Србија Александар Вучиќ е неприфатлива, кажа Меџит Рамуса, од Движење за демократија.
„Со оваа активност го изразивме незадоволството од премиерот на Албанија Еди Рама поради неговите врски со Вучиќ, со српскиот злосторник кој изврши масакри на Косово и ги изнесовме сите факти за неговите врски со Милошевиќ и спротивставувањето на иницијативата мини Шенген. Нашата иднина мора да биде со ЕУ и САД. За нас е бесмислено да влеземе во мини Шенген со Србија, бидејќи Србија не се извини за геноцидот кој го изврши на Косово. Се противиме и на дијалогот без извинување од Србија“, кажа Рамуса.






