Според таа проекција, СПД добила околу 25,7 отсто од гласовите, а конзервативната коалиција на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) и Христијанско-социјалната унија (ЦСУ) 24,5 отсто, додека на трето место се Зелените со 14,3 отсто од гласовите.
Според истата проекција, во германскиот парламент Бундестагот влегуваат и либералната Слободната демократска партија (ФДП) со 11,5 отсто, екстремно десната Алтернатива за Германија (АфД) со која никој не сака да коалицира, со 10,5 отсто, и Левица, која е со екстремно лева позиција, со 5 отсто.
Тоа значи дека СПД во Бундестагот кој има 730 места би имала 204 пратеници, ЦДУ/ЦСУ 197, Зелените 114, ФДП 91, АфД 83, Левица 40, а останатите партии еден пратеник.
Großer Jubel in der SPD- Parteizentrale. Noch bevor alle Prognosezahlen bekannt sind. Dennoch: Es wird noch ein langer spannender Abend werden. #BTW21 pic.twitter.com/FDTgVl2TEX
— Katharina Kroll (@KatharinaKroll) September 26, 2021
Според проекциите на две германски телевизии, ЗДФ и Дојче веле, кои беа објавени претходно вечерва Социјалдемократската партија на Германија (СПД) исто така освоила околу еден отсто гласови повеќе од конзервативците на изборите.
На претходните избори, одржани во 2017 година, блокот ЦДУ-ЦСУ имаше 32,9 отсто од гласовите, СПД 20,5 отсто, Зелените 8,9 отсто, ФДП 10,7 отсто, АфД 12,6 отсто, а Левица 9,2 отсто.
Тесниот резултат на денешните избори навестува дека претстојат долги преговори за нова влада и дека е неизвесно кој ќе ја наследи канцеларката Ангела Меркел која се повлекува по 16 години на челото на владата.
Ако излезните анкети се покажат како точни, резултатот на десничарскиот блок ЦДУ-ЦСУ ќе биде најлошиот во повоената историја на Германија. Претходниот најлош резултат го имала во 1949 година, 31 отсто, во тогашна Западна Германија.







