„Ние не сакаме да бидеме ниту Американци, ниту Данци, ние сме Гренланѓани“, рече Муте Егеде еден ден откако американскиот претседател Доналд Трамп го повтори својот интерес за преземање на автономната територија во рамките на Данска.
„Американците и нивниот шеф мора да го разберат ова“, напиша Егеде на Фејсбук, шест дена пред парламентарните избори.
„Не сме на продажба и не може едноставно да бидеме преземени“, заклучи гренландскиот премиер.
Трамп во вторникот во обраќањето пред Конгресот рече дека владата работи на преземање на Гренланд, пренесе Ројтерс. „Мислам дека ќе го имаме, вака или онака, ќе го имаме“, рече американскиот претседател.
Тој им порача на Гренланѓаните дека со САД ќе бидат „безбедни и просперитетни“ и дека нивниот остров „ќе достигне висини за кои никогаш порано не верувале дека се можни“. „Тоа е многу мало население, но многу, многу големо парче земја што е многу, многу важно за воената безбедност“, рече Трамп.
„Ние силно го поддржуваме вашето право да одлучувате за вашата иднина, и ако се одлучите на тоа, добредојдени сте во Соединетите Држави“, заклучи тој.
Анкетите покажуваат дека мнозинството од речиси 57.000 Гренланѓани се против приклучувањето кон САД, но и дека повеќето од нив се залагаат за независност од Данска.