четврток, 14 мај 2026

Трамп воодушевен од пречекот во Пекинг, Си порача: Кина и САД треба да бидат партнери, не ривали

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека бил воодушевен од свечениот пречек што му бил приреден во Пекинг, каде што се сретна со кинескиот претседател Си Џинпинг во обид за стабилизирање на односите меѓу двете најголеми светски економии по период на трговски тензии.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

По средбата, Трамп рече дека му бил приреден „величествен дочек каков што ретко се гледа“ и нагласи дека посетата за него претставува голема чест.

„Голема чест е да бидам тука. Имавме многу продуктивни разговори“, изјави Трамп, додавајќи дека Си Џинпинг е негов пријател и „голем лидер“.

Трамп посочи дека со него во Кина допатувале некои од најистакнатите американски бизнисмени за разговори поврзани со трговијата и бизнисот. Во делегацијата беа извршниот директор на Епл Тим Кук, Илон Маск, американскиот министер за финансии Скот Бесент и државниот секретар Марко Рубио.

Фото: ЕПА

На свечениот прием, кинескиот претседател Си Џинпинг испрати порака за соработка наместо конфронтација меѓу Пекинг и Вашингтон.

„Нашите две земји треба да бидат партнери, а не ривали“, порача Си.

Тој оцени дека кинескиот и американскиот народ се големи народи и дека кинеското национално обновување и американската визија за повторна големина можат да напредуваат паралелно.

Си нагласи дека стабилните односи меѓу Кина и САД се важни не само за двете држави, туку и за целиот свет.

„Кога соработуваме, и двете страни добиваат. Кога се конфронтираме, и двете губат“, рече кинескиот лидер, повикувајќи двете сили да си помагаат во постигнувањето успех и заеднички да изградат нов модел на односи меѓу големите сили.

Во разговорите била отворена и темата за Блискиот Исток, особено Ормускиот теснец, една од најважните светски поморски рути за транспорт на нафта и енергенси.

Белата куќа соопшти дека Трамп и Си се согласиле дека Ормускиот теснец мора да остане отворен, со оглед на неговото глобално економско значење и улогата на Кина како голем купувач на иранска нафта.

Фото: ЕПА

Имаше и шпекулации за можна средба меѓу Трамп и севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун за време на посетата, иако немаше конкретни знаци дека таков состанок е подготвуван.

Трамп и Ким последен пат се сретнаа во 2019 година во демилитаризираната зона меѓу двете Кореи.

Трамп и Си разговараа за трговијата, Тајван, Иран, вештачката интелигенција и за глобалната безбедност

Американскиот претседател Доналд Трамп и кинескиот претседател Си Џинпинг на состанокот во Пекинг разговараа за широк спектар прашања — од трговските односи и царините, преку Тајван и Блискиот Исток, до вештачката интелигенција, енергетската безбедност и нуклеарната стабилност, според извештаи на Ројтерс и други водечки светски медиуми.

Во центарот на разговорите била трговијата, по долг период на економски тензии меѓу Вашингтон и Пекинг. Според Ројтерс, двете страни ја разгледувале можноста за намалување на царините за дел од стоките што не се сметаат за чувствителни од безбедносен аспект, како и обновување на поширока трговска соработка. Се разговарало и за американскиот извоз, вклучително и земјоделски производи, како и за механизмите што би спречиле нова трговска ескалација.

Фото: ЕПА

Една од најчувствителните теми бил Тајван. Си Џинпинг јасно му порачал на Трамп дека тоа е најделикатното прашање во односите меѓу двете држави и предупредил дека погрешното справување со тоа прашање може да доведе до сериозни конфликти. Кина инсистира дека Тајван е нејзино внатрешно прашање, додека САД продолжуваат да одржуваат безбедносни врски со островот.

Голем дел од разговорите бил посветен и на Иран и пошироката криза на Блискиот Исток. Според Белата куќа и Ројтерс, двајцата лидери се согласиле дека Ормускиот теснец мора да остане отворен, бидејќи станува збор за клучна артерија за светското снабдување со енергенси. Вашингтон очекува Пекинг да изврши влијание врз Техеран, имајќи предвид дека Кина е голем увозник на иранска нафта.

На маса биле и технолошките прашања, особено вештачката интелигенција. Според Ројтерс, темата била дел од пошироките разговори за технолошка конкуренција и правилата што би можеле да спречат неконтролирана ескалација во стратегиските технологии меѓу двете сили.

Фото: ЕПА

Се разговарало и за нуклеарната безбедност и глобалната стратегиска стабилност. Иако не беа објавени конкретни договори, меѓународните медиуми наведуваат дека разговорите биле насочени кон намалување на ризиците од директна конфронтација меѓу двете сили.

Си Џинпинг во разговорите настапил со порака за долгорочна стабилизација на односите, велејќи дека Кина и САД треба да бидат партнери, а не ривали. Тој зборувал за „нова позиционираност“ во односите меѓу двете земји, со идеја конкуренцијата да не прерасне во конфликт.

Трамп, пак, нагласи дека разговорите биле продуктивни и дека гледа простор за подобри односи, особено ако економската соработка повторно добие замав.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ