понеделник, 29 јуни 2026

Ватикан ја обвини ЕУ за двојни стандарди во односот кон војните

Кардиналот Виктор Мануел Фернандез ја критикуваше Европската Унија за селективна примена на меѓународното право и санкционирање на некои воени инвазии а некои не, предупредувајќи дека државите користат премногу широк концепт на легитимна самоодбрана за да ги оправдаат воените интервенции.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

На затворен состанок на кардинали од целиот свет посветен на прашањето за војната, свикан од папата Лео Четиринаесетти, кардиналот Фернандез кажа дека владите сè повеќе ги применуваат моралните и правните принципи според политичката погодност, а не според универзалните стандарди.

„Ако една земја е непријател, таа е осудена како недемократска и санкционирана на различни начини, но ако е сојузник, фактот дека ѝ недостасува слобода на изразување, човекови права или демократија се игнорира“, кажа Фернандез, кој е префект на Дикастеријата за доктрината на верата.

Фернандез ја обвини Европската Унија и за недоследност во надворешната политика, пренесува Политико.

„ЕУ воведува економски санкции врз една земја и испраќа финансиска помош и оружје на друга, а сепак не успева да го стори истото во услови на други, уште посериозни инвазии со уште побрутални последици за целото население“, истакна Фернандез.

Тие противречности, додаде тој, покажуваат дека во пракса загриженоста се сведува на политичките и економските интереси на различните региони во светот.

„Веќе не постои реална и стабилна рамка на вистината и вредностите“, кажа кардиналот на отворањето на собирот во петокот.

Папата го свика собирот за да го испита она што тој го нарекува глобална „култура на моќ“ што ги поттикнува современите конфликти и да размисли како Црквата треба да одговори.

Во срцето на дебатите беа напорите на папата да ја преиспита традиционалната доктрина за праведна војна, за која тврди дека премногу често се користи за оправдување на воена акција и е застарена.

Ставот на папата за ова прашање веќе го доведе во конфликт со потпретседателот на САД Џеј Ди Венс, откако го постави прашањето дали нападите на САД и Израел врз Иран ги исполнуваат критериумите за праведна војна.

Фернандез на собирот изјави дека владите го прошириле концептот на легитимна самоодбрана во војувањето до непрепознатливост, наведувајќи ги Русија, САД и други сили кои се потпираат на широки тврдења за самоодбрана за да ги оправдаат воените интервенции од Украина до Блискиот Исток.

Католичкото учење за праведна војна, кое со векови одредува под кои услови може да се оправда употребата на воена сила, некои го користат за легитимирање на „најнеправедните војни“, оцени Фернандез и додаде дека оваа доктрина, наместо да ги запира војните, помага да се оправдаат.

За да се спречи ова, Фернандез тврди дека оправдувањето на легитимната самоодбрана мора да се разбере „во најстрога смисла“, отфрлајќи ја широката логика на превентивната војна што владите сè повеќе ја повикуваат за да оправдаат воена акција.

Ватикан, во синтезата на дискусии, наведе дека многу работни групи на кардиналите се согласиле дека традиционалната доктрина за праведна војна треба да се надмине.

Во својот завршен говор во саботата, папата Лео Четиринаесетти навести дека дебатата за праведната војна не е ни близу до крајот.

Тој го поздрави советот на кардиналот да се преиспита учењето на Црквата за легитимна самоодбрана „во контекст на длабоките промени во природата на современите конфликти“, ветувајќи дека ќе се справи со прашањето „со потребната теолошка и пасторална строгост“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ