понеделник, 29 јуни 2026

Трамп: Иран побара средба, ќе се одржи утре

Соединетите Американски Држави и Иран утре во Доха би требало да одржат нова рунда преговори, објави американскиот претседател Доналд Трамп, откако во последните денови двете страни ги ублажија конфликтите што се заканија целосно да ги запрат мировните напори.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Иран побара средба. Ќе се одржи утре во Доха!“, напиша Трамп на својата социјална мрежа Трут соушал.

Засега од Техеран нема официјална потврда. Напротив, само неколку часа пред објавата на Трамп, висок ирански функционер тврдеше дека не се закажани технички разговори.

Сепак, извор запознаен со преговорите потврди за Ен-би-си њуз дека техничките тимови што работат на спроведување на првичниот договор меѓу двете страни би требало да се сретнат во Доха во наредните денови. Тој додаде дека комуникациските канали воспоставени за да се спречи понатамошна ескалација сè уште функционираат и дека техничките разговори ќе продолжат.

Разговорите доаѓаат по серијата меѓусебни напади во текот на викендот што сериозно ги поткопаа напорите за постигнување траен договор за завршување на војната.

Нови судири избувнаа по обидите за повторно отворање на Ормускиот теснец без ирански надзор. Техеран одговори со закани и напади, обидувајќи се да ја задржи контролата врз еден од најважните морски премини во светот.

Повеќедневните спорови околу условите на евентуалниот договор, вклучувајќи го и идниот статус на Ормускиот теснец и одмрзнувањето на милијарди долари ирански средства, дополнително ескалираа откако Иран нападна бродови што минуваа низ областа.

Бахреин и Кувајт беа нападнати од Иран вчера наутро, само неколку часа откако американската војска објави дека извршила напади врз повеќе цели во Иран како одговор на она што го нарече „континуирана агресија“ против трговски бродови.

Техеран потоа се закани со „целосен прекин“ во преговорите доколку Вашингтон продолжи со своите воени напади. Централното прашање на спорот останува контролата врз Ормускиот теснец. Иран тврди дека, врз основа на меморандумот за разбирање потпишан со САД, го задржува правото да го контролира пловниот пат.

Во исто време, во близина на Оман е воспоставена нова поморска рута под покровителство на Обединетите нации, која ја користат зголемен број бродови во последните денови. Иран смета дека таквото решение е неприфатливо и го гледа како обид да се ограничи неговата контрола врз теснецот.

По судирите во текот на викендот, неколку американски претставници изјавија дека Вашингтон и Техеран во принцип се согласиле привремено да ги суспендираат нападите и да ги продолжат преговорите за конечен договор.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ