На поширокиот список на новиот селектор Милош Гавриловиќ за оваа акција се најдоа многу нови имиња во А селекцијата, но Јонузи позитивно гледа на сите промени кои се случуваат во репрезентацијата и смета дека новата енергија ќе донесе и нови, позитивни работи.
„Како интернационалка, која цела сезона настапува во странство искрено ми недостасуваше Македонија и оваа енергија и дружба која ја имаме во репрезентацијата. Сите одлично расположени влегуваме на овој собир. Во оваа средина се чувствувам пријатно, а верувам дека истото се однесува и за секоја девојка која е во екипата. Дури и младите одбојкарки, кои се првпат на собир со А тимот се многу позитивни и мислам дека ќе успееме убаво да се вклопиме и да создадеме добра енергија и хемија, како на теренот, така и надвор од него“, коментира Ерјона Јонузи на стартот на новата репрезентативна акција.
Минатата година женската репрезентација имаше солиден настап во Европската лига, запиша и две победи, но оваа година задачата несомнено ќе биде потешка и поради сериозниот карактер – како дел од квалификацискиот циклус за ЕП 2028, кој го добива Европската лига.
„Имаме многу промени во екипата оваа година. Пред се, нов стручен штаб и нов селектор, како и подмладена екипа, дел од поискусните не се со нас во овој циклус. Времето ни е кусо и мораме што побрзо да влеземе во системот и начинот на работа на селекторот. Истовремено ние што имаме малку поголем стаж во репрезентацијата треба да им помогнеме на младите што подобро и побрзо да се вклопат и да ја градиме иднината на македонската женска одбојка. Оваа Европска лига ќе биде потешко, но ништо не е невозможно, очекуваме повторно позитивни резултати. Сите сме оптимисти и одлично расположени, подготвени за работа влегуваме во овој циклус, кој мислам дека на крајот ќе има позитивен исход“ – заклучува Јонузи со насмевка.
Репрезентацијата веќе го одработи и првиот тренинг, иако некомплетна откако одбојкарките на Работнички Скопје и Наковски Волеј добија дополнителен ден за одмор, со оглед на напорната финална серија од првенството која за нив заврши пред три дена.
Комплетниот подготвителен процес дамите ќе го спроведат во СЦ „Форца“ во Скопје, додека контролниот двомеч со Косово на 29 и 30 мај ќе биде финална проверка на силата пред настапот во Европската лига 2026.






