понеделник, 4 мај 2026

Потеклото на коронавирусот можеби никогаш нема да биде откриено

Објавено на

часот

Сподели

Во ажурираната проценка за потеклото на коронавирусот, Канцеларијата на директоратот на Националната разузнавачка служба на САД соопшти дека преносот на коронавирусот од животните на луѓето и протекувањето на вирусот од лабораторија се убедливи хипотези, но нема доволно докази за да се донесе таков заклучок.

Наодите се објавени во извештај на Канцеларијата од кој се отстранета ознаката на тајност. Станува збор за ажуриран извештај објавен во август, по 90 дена дополнително испитување на потеклото на коронавирусот.

Се наведува дека разузнавачката заедница сѐ уште е поделена околу најверојатното потекло на вирусот. Четири агенции проценија дека е малку веројатно дека коронавирусот потекнува од заразено животно или сроден вирус.

Но една агенција наведе дека постои „умерена веројатност“ дека првата човечка инфекција потекнува од лабораториски инцидент, веројатно експериментирање или испитување животни од Вуханскиот институт за вирусологија.

Во извештајот се наведува и дека кинеските власти не знаеле за постоењето на вирусот пред почетната епидемија во Вухан, на крајот на 2019 година, но се додава дека Кина продолжува да ја попречува глобалната истрага и да одбива размена на информации.

Кинеските власти првите случаи на ковид-19 ги поврзаа со пазар на морска храна во Вухан, што ги наведе научниците да теоретизираат дека вирусот на луѓето најпрво преминал од животните.

Но, претходно оваа година, извештаите во американските медиуми сугерираа зголемени докази дека вирусот можеби се појавил од лабораторија во Вухан, можеби преку случајно истекување.

Во мај претседателот Бајден им нареди на разузнавачите да го истражат потеклото на вирусот, вклучително и теоријата за истекување од лабораторија, што Кина го негира.

Одговарајќи на разузнавачкиот извештај, кинеската амбасада во Вашингтон во изјава за новинската агенција Ројтерс рече: „Тоа што САД повеќе му веруваат на својот разузнавачки апарат наместо на научниците во следењето на потеклото на ковид-19 е комплетна политичка фарса. Ние ги поддржувавме научно заснованите напори за откривање на потеклото и ќе продолжиме да бидеме активно ангажирани. Според тоа, цврсто се спротивставуваме на обидите да се политизира ова прашање“.

Во светот досега се потврдени околу 240 милиони случаи на ковид-19, со повеќе од 4,9 милиони смртни случаи.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ