Полскиот вицепремиер и лидер на владејачката Партија на правото и правдата, Јарослав Качински, ја обвини Германија дека се обидува да ја претвори Европската Унија во „Четврти рајх“, користејќи ги предностите на ЕУ за да ги лиши другите нации од суверенитетот и да ги „претвори во кметови“.
Качински зборуваше за спорот меѓу Полска и ЕУ, кој трае веќе подолго време во однос на правните односи меѓу Брисел и Варшава, а кулминира со одлуката на полскиот Уставен суд дека националното законодавство има предност пред европското.
Качински за локалниот весник ГПЦ изјави дека Берлин ги злоупотребува правните механизми на ЕУ за да им го ускрати правото на земјите сами да одлучуваат.
„Доколку ние Полјаците се согласевме на такво привремено кметство, ќе бевме деградирани на многу начини. Доколку, на пример, Полска го следи пристапот на ЕУ кон економската и енергетската политика, тоа би значело дека нашите граѓани за неколку години би биле посиромашни отколку што се сега“, рече полскиот вицепремиер.
Терминот Четврти рајх нема никаква врска со германскиот нацистички режим на Третиот рајх, тврди Качински.
„Четвртиот рајх не е навредлив термин, тој не се однесува на Третиот рајх, туку на Првиот“, објасни Качински. Иако полскиот функционер не објасни детално, терминот Прв рајх обично се однесува на периодот на Светото римско царство на германскиот народ, создадено во 9 век, кое на својот врв, покрај денешна Германија, опфаќало и големи делови од Западна, Централна и Јужна Европа.
Европскиот суд на правдата е клучна алатка на Берлин за потчинување на земјите на ЕУ, обвинува Качински.
„Тој не е ограничен со ништо, слободно го толкува европското право и од него вади узурпирачки заклучоци“, тврди полскиот функционер.






