сабота, 25 април 2026

Полска игнорира одлука на Судот на ЕУ, ѝ се заканува казна. Унгарија: Тоа е напад од Брисел

Објавено на

часот

Сподели

Унгарската министерка за правосудство Џудит Варга кажа дека тоа не е прифатливо.

„Унгарската влада одлучи да донесе резолуција во која изразува поддршка на Полска и ги осудува малициозните напади од Брисел“, објави на Фејсбук доцна синоќа.

Варшава пред три недели објави дека Дисциплинскиот совет ќе биде распуштен во рамки на пошироките правосудни реформи во претстојните месеци.

Но, Европската комисија кажа дека решила сега да преземе мерки, бидејќи советот веќе се користи за притисок врз судиите или политичка контрола врз судските одлуки, со што се поткопува законодавството на ЕУ.

Варга кажа дека игнорирањето на полското ветување е „скандалозен и арогантен“ чекор на Комисијата и „мешање во правосудниот и законодавниот процес на суверена членка на незапаметен начин“.

Унгарија и Полска се долгогодишни сојузнички и двете имаат низа спорови со Брисел околу клучни прашања, како владеењето на правото, медиумските слободи и правата на ЛГБТ заедницата. Тие истакнуваат дека ги штитат своите традиционални општества од либерализмот на Западот.

Европската комисија во вторникот побара од Судот на ЕУ на Полска да ѝ наметне санкции поради непочитувањето на налогот на тој суд околу дејствувањето на Дисциплинскиот совет, нова институција во полското правосудство, воведена во рамки на опсежната правосудна реформа, која во последните години ја спроведува владејачката коалиција.

Судот на ЕУ на 14 јули ѝ наложи на Полска веднаш да ги прекине активностите на Дисциплинскиот совет. Судот утврди и дека објективноста и независноста на новиот Дисциплински совет не се доволно загарантирани и дека нема заштита од директно или индиректно влијание на извршната и законодавната власт.

Комисијата потоа побара од Полска да ја почитува одлуката на Судот, и дека во спротивно ќе бара финансиски санкции.

ЕК објави во вторникот дека Полска не ги презела сите потребни мерки за спроведување на налогот на Судот на ЕУ, наведувајќи дека Дисциплинскиот совет продолжил да дејствува.

Комисијата затоа побара од Судот на Полска да ѝ се изрече парична казна за секој ден сè додека мерки изречени од Судот не почнат целосно да се спроведуваат.

„Правосудните системи низ Европската Унија мора да бидат независни и чесни. Правата на граѓаните на ЕУ мора да бидат загарантирани на ист начин, каде и да живеат во Европската Унија’, изјави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.

Комисијата во вторникот ѝ испрати на Полска официјално предупредување, што е првиот чекор во почнувањето на постапката пред Судот на ЕУ, поради тоа што полската влада не ги презеле потребните мерки за да се усогласи со одлуката на Судот, кој утврди дека законот за дисциплинскиот режим не е во согласност со правосудството на ЕУ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ