понеделник, 27 април 2026

Полска гради модерна флота беспилотни летала со помош на Украина

Полска започнува нов проект за изградба на модерна флота беспилотни летала со техничка помош од Украина и европско финансирање, објави полскиот премиер Доналд Туск.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Зборувајќи на настан во југоисточниот град Жешов, каде што се сретна со украинската премиерка Јулија Свириденко, Туск ја нагласи важноста на украинското искуство.

„Украина се докажа како партнер за земјите кои сакаат да се бранат од воздушни напади“, рече Туск.

„Затоа, со големо задоволство можам да кажам дека проектот за изградба на полската флота беспилотни летала ќе биде поддржан од техничкото знаење и искуството на нашите украински пријатели“, додаде тој.

Варшава ја засили соработката со Украина во развојот на беспилотни системи во последните месеци, особено откако руски беспилотни летала беа соборени над полскиот воздушен простор во септември 2025 година.

Туск рече дека новата флота беспилотни летала ќе ја зајакне безбедноста на Полска и нејзините сојузници.

„Полска мора да има своја модерна флота беспилотни летала за да можеме не само да ѝ помогнеме на Украина денес, туку и да можеме со целосна доверба да им кажеме на граѓаните на Полска дека сме безбедни“, рече тој.

Проектот беше презентиран на безбедносна конференција пред Конференцијата за реконструкција на Украина 2026 година.

Туск нагласи дека односите меѓу Украина, Полска и Европа се засноваат на партнерство, а не на еднострана помош.

Тој додаде дека Варшава е меѓу првите што почнала да развива таков модел на соработка.

Украинската премиерка Свириденко нагласи дека соработката дополнително ќе ја зајакне безбедноста на двете земји.

„Тука не треба да објаснуваме што е руска агресија. Ние стоиме рамо до рамо во борбата за слобода и мир“, рече таа.

Војната во Украина го забрза развојот на технологијата на дронови, поради што сè повеќе земји во Европа и Блискиот Исток бараат украинска експертиза во оваа област.

Полска, членка на НАТО и на Европската Унија што граничи со Украина, обезбедува значителна воена и хуманитарна помош за Киев од почетокот на целосната инвазија на Русија во 2022 година.

Аеродромот во Жешов игра клучна улога во транспортот на западната воена помош до Украина.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ