„Вакцините даваат надеж дека пандемијата ќе заврши, но само ако се достапни за секого и ако работиме заедно“, рече римокатоличкиот поглавар.
Папата испрати видеопорака за поддршка на кампањата за промовирање на вакцинацијата во САД и во другите земји на Америка.
„Да се биде вакциниран (…) е чин на љубов, и придонесот да се вакцинираат повеќе луѓе е чин на љубов. Љубов кон себе, љубов кон семејството и пријателите, љубов кон сите“, рече 84-годишниот папа.
„Вакцинацијата е едноставен, но длабок начин за промовирање на општото добро и грижата еден за друг, особено за најранливите“, додава папата.
Видеопораката објавена во средата е наменета за светската публика, но насочена особено кон континентот Америка. Во неа се појавуваат шест кардинали и архиепископи од Северна, Централна и Јужна Америка, како и папата, кој е роден во Аргентина. Произведена е од Ватикан и од Советот за реклами, кои произведоа серија реклами за вакцинирањето во обид да се вакцинираат повеќе луѓе.
Ватикан објави дека е морално прифатливо католиците да примаат вакцини против ковид-19, вклучително и оние базирани на истражувањата што користеле клетки добиени од абортирани фетуси.
[video:https://www.youtube.com/watch?v=JWf3Ji11EaU autoplay:0]





