Светиот Отец, кој ја постави заштитата на мигрантите и бегалците како камен-темелник на својот понтификат, по повод редовната општа аудиенција во средата рече дека за време на посетата на Кипар и Грција на почетокот на овој месец можел да ја почувствува „ранетата човечност“ на бегалците и мигрантите.
„Исто така, можев да видам дека само неколку европски земји го носат поголемиот товар од последиците на миграцискиот феномен во областа на Медитеранот“, рече тој, пренесе Ројтерс.
„Ова всушност бара заедничка одговорност од сите и ниту една земја не може да биде изземена бидејќи тоа е проблем на човештвото“, посочи тој.
„Овие луѓе треба да се спасат, но крајно е неправедно тоа да го прави само Италија само затоа што таа е земјата во која прво влегуваат во Европа“, рече италијанската министерка за внатрешни работи Лусијана Ламоргезе минатиот месец кога беа спасени 800 мигранти во Средоземното Море.
Во Италија годинава пристигнале околу 54.000 мигранти, што е значително повеќе од лани кога имало 30.000. Минатата недела на сметка на Светата столица во Италија се преселиле 12 мигранти од бегалски камп на Кипар, што е првата група од вкупно 50 што треба да пристигнат од тој медитерански остров.
Светиот Отец рече дека се надева оти повеќе европски земји ќе им дозволат на локалните црковни групи да донесат повеќе бегалци и мигранти и да им помогнат да се интегрираат.
„Треба само да ја отворите вратата, вратата на срцето. Да не пропуштиме да го направиме ова овој Божиќ“, рече папата Франциско.






