Според ДУИ, она што го прави случајот уште поскандалозен е „фактот што еден од сопствениците на компанијата, Шабан Шефки, јавно се појавува како активист и поддржувач на Вреди и Изет Меџити, додека договорот го потпишува директорот на МЕПСО, Бурим Латифи прв братучед на Изет Меџити, веќе познат во јавноста по криминалниот договор со компанијата од Бања Лука, со кој државата беше оштетена за шест милиони евра“.
„МЕПСО веќе е во центарот на јавноста по скандалот со далноводот кон Албанија, каде државата треба да плати милионска штета. Додека граѓаните се соочуваат со економска криза и високи цени, луѓе блиски до власта отвораат компании преку ноќ и добиваат јавни тендери вредни стотици илјади евра. ДУИ бара од Државната комисија за спречување на корупцијата, Државниот завод за ревизија и Јавното обвинителство веднаш да отворат постапка и да истражат дали зад овој тендер стои организирана шема за извлекување на јавни пари. Граѓаните заслужуваат институции, а не партиски и семејни каси“, велат од ДУИ.
На ваквите обвинувања веднаш реагираа од Вреди. Оттаму велат дека ДУИ повторно лаже, манипулира и ја потценува јавноста. Од владечаката партија тврдат дека најевтината понуда, ДУИ ја претставува како корупција, „затоа што не можат да се помират дека МЕПСО повеќе не е нивна партиска каса“.
„Фактите се јасни. Избраниот понудувач дал цена од 184.535 денари без ДДВ, додека следно рангираната понуда била 651.165 денари без ДДВ. Разликата е 466.630 денари, односно избраната понуда е околу 72 проценти пониска. Што точно ѝ пречи на ДУИ? Тоа што е избрана најевтината понуда? Или тоа што повеќе не можат тие да одлучуваат кој ќе добива тендери? ДУИ намерно ја меша рамковната вредност со понудената цена. Ова е рамковен договор, не автоматска исплата. Максималната вредност не значи дека ќе се искористи целата сума, ниту дека парите однапред се исплатени. Нарачките се реализираат по потреба, поединечно и според реално извршени работи. Но овој пат по многу пониски цени, за разлика од времето во кое тие управуваа. Вистинската причина за ова политичко врескање е друга, ДУИ пишти затоа што МЕПСО почна да ги прекинува старите шеми. Пиштат затоа што беше раскинат договорот во кој, според јавните информации, се појавуваше и интересот на Нефи од Охрид, близок на Али Ахмети и Бујар Османи. Пиштат затоа што се отвори прашањето како со години од МЕПСО се влечеле пари преку блиски фирми, блиски луѓе и блиски кругови до врвот на ДУИ“, велат од Вреди.






