Студијата на Институтот за терапевтска имунологија и заразни болести на Кембриџ заклучила дека мутациите на шилците на вирусот, поради кои омикрон може да ги избегне антителата, исто така можат да го ограничат начинот на кој вирусот се реплицира во белите дробови, што е поврзано со развој на тежок облик на болеста.
„Овие заклучоци укажуваат дека омикрон развил способност за избегнување на имунитетниот систем, но истовремено е загрозена неговата способност за репликација и неговата патогеност“, се наведува во сижето на студијата.
Шефот на студијата Рави Гупта, професор по клиничка микробиологија на Кембриџ, кажа дека пред нас има предизвици и покрај позитивните заклучоци на студијата.
„Што сето ова значи? Ефикасната инфекција на белодробните клетки би можела да биде во корелација со сериозноста на белодробното заболување. Повеќејадрените клетки често се гледаат во респираторните ткива земени по тешка болест. Делтата беше многу успешна во инфекцијата на белодробното ткиво и создавањето тешки форми на болеста, за разлика од омикрон. Потребно е понатамошно истражување“, напиша тој на Твитер.
„Накратко – оваа студија сугерира дека омикрон е поотпорен на имунитетот, но дека неговите својства поврзани со напредувањето на болеста можат да бидат во одредена мера ослабени. Значителното ширење на омикрон сепак претставува голем предизвик за јавното здравство“.
Резултатите на истражувањето се објавени откако медицинската советодавна група САГЕ во Британија издаде ажурирана проценка и кажа дека е „речиси сигурно дека во Англија сега има секојдневно стотици илјади нови инфекции со омикрон“, што поттикна извештаи дека по католичкиот Божиќ се можни построги пандемиски ограничувања.






