среда, 6 мај 2026

Објавено ретко писмо на Катерина Велика: „Да не се вакцинираш е варварство“

Објавено на

часот

Сподели

Во писмото до грофот Пјотр Румјанцев на 20 април 1787 година, Катерина Велика дава детални упатства на властите на просторот на денешна Украина како да организираат ефективна кампања за вакцинација.

Аукциската куќа Мекдугал, специјализирана за руска уметност, во петокот во Москва изложи портрет на царицата и писмо пред да ги продаде на аукција во Лондон на 1 декември.

Проценетата вредност на писмото и портретот заедно е 1,2 милиони британски фунти.

„Една од најважните (задачи) треба да биде воведувањето вакцинација против сипаници, кои, како што знаеме, нанесуваат големо зло, особено меѓу обичните луѓе“, му напишала Катерина Велика на грофот Румјанцев, тогашниот гувернер на Малорусија, односно денешна Украина.

„Таква вакцинација треба да е сеприсутна“, напишала таа со кирилична краснопис, потпишувајќи се со големи букви.

Во писмото Катерина детално опишала како да се направат вакцините широко достапни. Наредува и болните привремено да се сместат во манастири доколку се разболат по вакцинацијата.

„Со оглед на денешната ситуација, треба да бидеме многу горди на Катерина“, им рече на новинарите ко-водителката на аукциската куќа и експерт за руска уметност Екатерина Мекдугал.

Рускиот претседател Владимир Путин, како што изјави, по неколку месеци од пандемијата се вакцинираше со руската вакцина Спутник. Некои го критикуваа што не го направи тоа пред камера.

Царицата организирала речиси незамислива пропагандна кампања за да ги поттикне своите поданици да се вакцинираат против сипаници, кои тогаш го десеткувале населението низ Европа.

„Но, таа не вовела задолжителна вакцинација бидејќи била многу интелигентна“, рече Мекдугал.

„Знаела дека рускиот народ ќе се побуни против тоа“, објасни таа.

Многу современи Руси се побунија против упатствата на сегашните власти и одбија да се вакцинираат против коронавирусот.

Само 36 отсто од населението на Русија се целосно вакцинирани и покрај постојаните молби од претседателот Путин.

Писмото на Катерина е „уникатно, особено ако се земе предвид ситуацијата во која се наоѓаме“, изјави историчарот Олег Хромов пред новинарите преку видео врска, додавајќи дека е „чудо“ што писмото е зачувано.

Царицата, која, како и многумина, се плашела од смртта од сипаници, донела лекар од Англија за да ја вакцинира против оваа опасна заразна болест.

Хромов рече дека лекарите изолирале примерок од вирусот од заразено дете и потоа го инјектирале во Катерина. На детето подоцна му била доделена благородна титула.

Катерина потоа накратко се разболела и штом закрепнала, царските власти издале проглас и објавиле дека царицата се чувствува добро и ги поканила другите да го следат нејзиниот пример.

И покрај нејзините напори да ги увери, „луѓето беа исплашени“, вакцината беше нешто ново и необично, рече Хромов.

Кога во 1774 година францускиот крал Луј XV умрел од сипаници, Катерина наводно рекла дека е „варварство“ да се умре од таа болест во просветениот 18 век.

„Се надевам дека еден ден, можеби во блиска иднина, ќе можеме да кажеме: „Какво варварство е да се умре од ковид во 21 век“, рече Мекдугал.

Катерина Велика беше на тронот од 1762 до 1796 година, што ја прави најдолговечниот руски владетел во историјата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ