Тој за време на претходното владеење на талибанците, од 1996 до 2001 година, служеше како министер за надворешни работи и потпретседател на тогашната влада. Од 2001 година се наоѓа на терористичката листа на Обединетите нации, кои го опишуваат како еден од „најефикасните талибански команданти“.
Врховен лидер ќе биде Мавлави Хаибатулах Акундзада, кој уште претходно беше именуван за лидер на талибанците. Тој ќе го има последниот збор за политичките, верските и воените прашања под владејачката структура.
Портпаролот на талибанците Ахмадулах Масик потврди за Би-би-си дека земјата од сега треба да биде позната како Исламски емират Авганистан, што е името кое талибанците го користеа за време на своето, главно непризнато, владеење од 1996 до 2001.
Портпаролот на талибанците Забихулах Муџахид кажа на конференција за медиумите дека коосновачот на екстремистичката група Абдул Гани Барадар ќе биде заменик шеф на владата.
Барадар беше пуштен од затвор од Пакистан во 2018 година по налог на САД, по придвижувањето на директните разговори меѓу исламистите и Вашингтон, кои на крај доведоа до договорот за повлекување, кој беше постигнат на почетокот на минатата година.
Засега сите именувани ќе служат како вршители на должност, кажа Муџахид. Талибанците претходно ветија „инклузивна влада“ која ќе го претставува сложениот етнички состав на Авганистан, иако е малку веројатно дека во неа ќе има жени.
Меѓународната заедница тврди дека внимателно ги следи постапките на талибанците кои се вратија на власт дваесет години откако ги симнаа од власт американската војска со сојузниците, предупредувајќи дека на исламистичкото движење ќе му се суди според постапките.






