На Канада вообичаено отпаѓаат околу две третини од глобалната трговија со тврда пченица, а жетвата оваа година треба да биде за половина послаба од 2020 година поради екстремните горештини и сушата.
Поради слабата канадска жетва, цените на тврдата пченица веќе се искачија на највисоко ниво во последните 13 години, што ги зголеми стравувањата од нагло поскапување на храната за време на периодот на закрепнување на економијата од ковид-19.
Преполовеното канадско производство, исто така, се совпадна со падот на светските залихи на тврда пченица на најниско ниво во последните шест години, делумно поради тоа што луѓето складираа тестенини во времето на карантините.
Италијанските производители на тестенини најчесто задоволуваат најголем дел од потребите за тврда пченица на домашниот пазар, но прогнозата за жетвата неодамна е намалена и тие ќе бидат принудени да излезат на меѓународните пазари.
Жетвата на тврда пченица во Италија оваа година се очекуваше да го надмине нивото во 2020 година, но Европската комисија ја намали проценката за производство во октомври од 4,3 на 3,7 милиони тони, па производителите на тестенини почнаа да стравуваат за залихите во првата половина на следната година.
„Ќе биде подраматично отколку што е сега, бидејќи во моментов сè уште можеме да добиеме домашна пченица. Ситуацијата со тврдата пченица е многу сериозна“, рече извршниот директор на брендот за тестенини Дивела, Винченцо Дивела.
Некои компании се изложени на ризик од недостиг од клучни суровини откако домашните резерви на пченица се исцрпени и би можеле да бидат принудени да го прекинат производството во наредните месеци, предупреди аналитичарот на Стратеџи греинс, Северин Омнес-Маисонс.
„Што се однесува до цените и недоволната понуда на тврда пченица, најлошото можеби допрва доаѓа“, истакна Омнес-Маисонс.
Откупувачите најдоа замена за канадската пченица, па Австралија оваа сезона се проби на второто место на листата на добавувачи на тврда пченица во Европската Унија, а Мексико ја исполни големата побарувачка за увоз со пратки од Алжир.
Турција, главен извозник на тестенини, одговори на кризата во снабдувањето со тврда пченица со регулатива што го зголеми максималниот удел на обичната пченица во тестенините за извоз од 30 на 100 проценти.
Намалената побарувачка од Турција и Северна Африка ќе биде главната причина за падот од 6 отсто на глобалната потрошувачка на тврдата пченица во производството на храна во сезоната 2021/2022 година, предвидува Стратеџи греинс.
Меѓународниот совет за житарки предвидува дека глобалната побарувачка за тврда пченица ќе падне на најниско ниво во последните 19 години, но залихите до следното лето ќе паднат на најниско ниво во последните 14 години, што значи дека понудата ќе биде речиси еднаква на побарувачката пред следната жетва.
Иако некои производители на тестенини значително ги зголемија цените, префрлајќи дел од трошоците на крајните потрошувачи, тоа веројатно нема да има големо влијание врз побарувачката во богатите европски земји, каде што тврдата пченица е пропишаната суровина за овој прехранбен производ.
Домаќинствата дефинитивно ќе го почувствуваат поскапувањето.
Компанијата за анализа на податоци Нилсен рече дека цените на евтините брендови на тестенини во супермаркетите во Франција пораснале за речиси една петтина во октомври во споредба со минатата година, а ова можеби е само најава за големите поскапувања што тропаат на врата.






