Русија понуди нацрт документ со безбедносни планови за кои сака да преговара со САД и нивните сателити од НАТО. Кремљ истакна и дека висок руски претставник е спремен да отпатува на разговори во неутрална земја.
Столтенберг кажа дека го примил документот и дека секој дијалог со Русија ќе мора да се позанимава со загриженоста на НАТО во врска со руските акции, да биде заснован на клучните принципи и документите на европската безбедност и да се одвива во консултација со европските партнери на НАТО како Украина.
Тој додаде дека 30 земји на НАТО „јасно дале до знаење дека, доколку Русија преземе конкретни чекори за намалување на тензиите, спремни се да работат на јакнење на мерките за изградба на довербата“.
Претставници на северноатлантскиот воен пакт предупредија дека сериозно ги проценуваат импликациите на моменталната ситуација по безбедноста на Алијансата и дека се спремни ако е неопходно да го засилат своето присуство во Источна Европа, во близина на Русија.






