„Секоја понатамошна провокација или агресивна акција на Русија би била многу загрижувачка. Ја повикуваме Русија да биде транспарентна околу своите воени активности“, изјави Столтенберг на конференција за новинарите одржана во Брисел со украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба.
САД, Европската Унија и Франција во последните денови изразија загриженост поради движењето на руските единици на украинската граница. И Германија денес ја повика Москва на „воздржаност“.
„Мораме да спречиме воена ескалација“, кажа во Берлин портпаролот на германското министерство за надворешни работи и ја повика Русија „да ја докаже воздржаноста и да се врати на преговарачка маса“.
„Она што сега го гледаме долж границата не е само воено засилување, бидејќи Русија на пролет донесе армада на нашата граница и од тогаш не ја повлече“, кажа Кулеба.
„Сега гледаме само влошување на ситуацијата, во која Русија покажува дека може брзо да ги активира единиците и опремата и дека на масата на руските лидери сите опции се во игра“, додаде украинскиот министер во седиштето на НАТО во Брисел.
„Атлантскиот сојуз внимателно ја следи ситуацијата“, истакна Столтенберг и повтори дека анексијата на црноморскиот полуостров Крим од 2014 ја смета за „нелегална“. „Сите членки на НАТО едногласно го осудуваат однесувањето на Русија“.






