Некои митинзи беа одржани вчераутро, за време на воената парада на Елисејските полиња, пред претседателот Макрон, кој последен пат во својот петгодишен мандат претседаваше со таа прослава.
Беа доведени во прашање изјавите на претседателот во понеделникот вечерта, кога тој ја објави обврската за вакцинирање на негувателките и другите професии, како и проширувањето на здравствената пропусница на повеќето јавни површини.
Некои од овие мерки ќе стапат во сила во текот на летото и ќе поттикнат вакцинирање на многу Французи што досега биле неодлучни или скептични. По овие најави, повеќе од два милиони Французи аплицираа за вакцинација преку интернет. Во име на слободата, противниците го изразија своето незадоволство.
Според Министерството за внатрешни работи, во Париз се собрале 2.250 луѓе на повеќе поворки.
Според истражувањето на агенцијата за истражување на јавното мислење „Елабе“, мерките објавени од претседателот ги одобруваат мнозинството Французи. Огромното мнозинство, 76 проценти, ја поддржуваат обврската за вакцинирање на медицинскиот персонал.
Традиционалната воена парада за Денот на падот на Бастилја се одржа во Париз на Елисејските полиња откако минатата година беше откажана поради пандемијата на коронавирусот. На церемонијата присуствуваа само околу 10 илјади набљудувачи, кои имаа ковид-потврди. На парадата учествуваа пет илјади војници, 73 авиони, 24 хеликоптери и околу двесте воени возила.
Денот на падот на Бастилја, најголемиот француски национален празник, го означува падот на озлогласениот затвор во Париз, одлучувачки настан во Француската револуција од 1789 година.






