Ситуацијата во Авганистан се влоши во последните недели, откако почна офанзивата на талибанците на големите градови и стратегиските точки. Талибанците вчера ја преземаа контролата врз сите гранични премини.
„Тие (САД) обично објавуваат изјави за поединечни случаи деноноќно без пауза за ручек. Повикуваат на прекин на страдањата, преземање итни мерки против одговорните за беззаконието, се закануваат со санкции, се повикуваат на „податоци од медиумите и социјалните мрежи“. Сега извештаите од аеродромот во Кабул се емитуваат во живо – Авганистанците јуришаат на авионите и бараат спас од Вашингтон кој толку години ги уверуваше во сојузништвото. Не помош, туку спас. И… тишина“, напиша портпаролката на министерството за надворешни работи на Русија Марија Захарова.
Безбедносни извори од Авганистан претходно соопштија дека неколку луѓе загинале откако американската војска отворила оган во Авганистанците на аеродромот во Кабул.
Агенцијата Франс прес, повикувајќи се на изјави на сведоци, јави дека американската војска пукала во воздух како предупредување на аеродромот во авганистанската престолнина кога толпа луѓе излегле на пистата да ги блокираат авионите.






