Во извештајот на ИОМ се наведува дека бројот на луѓето кои од различни причини ја напуштиле земјата на раѓање минатата година достигнал 281 милион, а би биле два милиони повеќе доколку ја немаше пандемијата на ковид-19 која драстично ја намали мобилноста.
„Само 22 отсто од мигрантите во земјата на дестинација се покриени со социјално осигурување, што ги прави високо ранлива категорија, а особено се погодени мигрантките, кои се во најголем ризик од експлоатација и насилство“, се наведува во соопштението.
Миграцијата може да биде ефикасно средство за намалување на сиромаштијата на мигрантите и нивните семејства и значително да придонесе на развојните напори и на земјата на потекло, и на земјата на одредиште.
„Мигрантите даваат важен придонес на развојот, градејќи мостови меѓу своите земји на потекло и земјите во кои живеат и работат. Неретко се активно вклучени во здруженија, реализираат локални проекти и им испраќаат пари на семејствата и пријателите. Тие исто така пренесуваат знаење и искуство кога ќе се вратат дома на пократок или подолг период“, се наведува.
Се истакнува дека иселениците со своето знаење и вештините градат посилни и поотпорни заедници и дека во изминатиот период биле во првите редови на борбата против ковид, и дека од почетокот на кризата тие даваат огромен придонес на здравството, малопродажбата, доставата на храна и други клучни дејности.
„Дури и во време кога границите беа цврсто затворени, бројни земји направија исклучок отворајќи ги за странците сезонски работници во земјоделството. Миграцијата, меѓутоа, исто така носи ризици за поединците кои ќе се најдат во нелегална миграција, како и за земјите на потекло кои ризикуваат да изгубат високо квалификувани експерти“, се предупредува.






