четврток, 23 април 2026

Медицинските сестри во Унгарија бараат повисоки плати

Објавено на

часот

Сподели

Медицинските сестри во бели маици и со бели балони се собраа на централниот градски плоштад, а десетици од нив пристигнаа од внатрешноста и патуваа со часови за да присуствуваат на протестот, пренесува Ројтерс.

Најважното барање на медицинските сестри на денешниот протест е зголемување на платата пропорционално со неодамнешното зголемување на платите на лекарите.

„Ние сме кадар од средно ниво, кој секогаш се заборава кога се зголемуваат платите“, рече Иболија Пинтер Гал, која повеќе од три децении работи како медицинска сестра.

Таа од март 2020 година се грижи за ковид-пациентите на одделот за интензивна нега и ѝ била ветена дополнителна плата за високоризичната работа, но сѐ уште ја нема добиено.

На протестот беше поканет и унгарскиот министер за човечки ресурси, Миклош Кашлер, кој не дојде, туку испрати писмо во кое им се заблагодари на сестрите за работата што ја работат.

„Може да дојде до голем бран заминување на медицински сестри низ цела Европа кога ќе се укинат ограничувањата за патување поради пандемијата“, рече Золтан Балог, претседател на Комората на унгарски здравствени работници.

Тој нагласи дека околу 400-500 медицински сестри годишно ја напуштаат Унгарија, а според истражувањето спроведено од Комората минатиот месец, повеќе од 1.000 медицински сестри размислуваат да ја напуштат Унгарија.

Како и многу источноевропски земји, Унгарија се бори со недостиг од лекари и медицински работници, бидејќи домашните плати се пониски во споредба со западноевропските нивоа, што го оптоварува здравствениот систем.

Минатиот октомври, парламентот го усвои законот за здравствена заштита, кој донесе значително зголемување на платите на лекарите, и не се однесуваше на медицинските сестри, чии плати беа зголемени само во помал процент од 2019 година.

Новиот закон усвоен минатата есен, исто така, ги принуди здравствените работници да избираат помеѓу работа во јавниот или приватниот здравствен сектор, и речиси 4.000 луѓе, или 3,7 проценти од сите медицински професионалци, одлучија да го напуштат јавниот здравствен систем до крајниот рок за нивната одлука во март.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ