Поради зголемувањето на новите случаи на коронавирусот, поради што болниците резервираа половина од креветите на интензивна нега за пациентите со ковид, белгиската влада доцна во понеделникот го заврши предлог-законот, со цел вакцинацијата на здравствените работници да биде задолжителна.
Почнувајќи од 1 јануари тие ќе имаат рок од три месеци да добијат две дози, а во тој период оние што ќе останат невакцинирани ќе бидат известени дека договорите им се суспендирани, освен ако не покажат дека се негативни на тест или дека прележале ковид.
Од април работниците без соодветно оправдување за одбивањето вакцинација може да бидат отпуштени.
Според различни процени, околу 60.000 здравствени работници во земјата со 11,5 милиони жители не се вакцинирани.
Предлог-законот мора да помине во законодавниот дом пред да стапи во сила.
Овој потег може да го отвори патот за задолжителна вакцинација во голем број деловни сектори, бидејќи поддршката од политичарите расте, иако премиерот Александар де Кро во септември изјави дека не е поддржувач на таквите мерки.
Бројките на ковид не изгледаат добро пред денешната седница на советодавниот одбор, кога се очекува Де Кро да објави нови рестриктивни мерки во обид да се запре зголемувањето на бројот на инфекциите и хоспитализациите.
Во претходната недела дневно се регистрираа околу 10.000 нови пациенти, а бројот на примените во болниците се зголеми за 27 отсто во истиот период, соопшти белгискиот здравствен институт.
За една недела се зголемил и бројот на починатите за 27 отсто, па во Белгија во тој период во просек умирале по 26,7 лица, а од ковид досега починале вкупно 26.400 пациенти.






