понеделник, 12 јануари 2026

Мамдани станува првиот муслимански градоначалник на Њујорк на полноќ

Зохран Мамдани станува првиот муслимански градоначалник на најголемиот американски град на полноќ, а младешкиот оптимизам на неговата демократско-социјалистичка платформа ќе биде тестиран кога ќе ја преземе функцијата во услови на големи очекувања.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Точно на полноќ по локално време, пред главната обвинителка на Њујорк Летиција Џејмс, пријателка на Мамдани и противничка на Трамп, новиот градоначалник ќе положи заклетва на приватна церемонија на станицата на подземната железница „Олд сити хол“.

Подземната локација ја одразува неговата „посветеност на работниците кои секојдневно го придвижуваат нашиот град“, соопшти неговата канцеларија.

Напладне, истакнатата фигура од левицата, сенаторот од Вермонт, Берни Сандерс, ќе предводи многу поголема, јавна церемонија на положување заклетва пред градското собрание на Њујорк.

Избраниот градоначалник, самопрогласен социјалист, водеше кампања фокусирана на справување со превисоките трошоци за живот во метрополата од 8,5 милиони жители.

Еден од неговите клучни предлози е замрзнување на кириите во повеќе од милион станови, но не е јасно дали градскиот одбор кој се бави со контрола на кирии, составен од членови назначени од градоначалникот во заминување Ерик Адамс, ќе го поддржи тоа.

Деталите за другите предизборни ветувања на Мамдани – изградба на 200.000 станови со прифатливи цени, универзален пристап до грижа за деца, супермаркети во јавна сопственост и бесплатни автобуси – допрва треба да се разработат.

Но, Мамдани има еден адут во ракавот: одличен однос со гувернерката на Њујорк, Кети Хочул, која одобрува мерки како што се зголемувањето на даноците што ги бара.

По завршувањето на изборите, „симболиката оди само до одреден степен кај гласачите. Резултатите почнуваат да бидат многу поважни“, рече предавачот на Универзитетот во Њујорк, Џон Кејн.

И покрај спротивните очекувања, средбата во Овалната соба кон крајот на ноември помеѓу Трамп и Мамдани беше срдечна и мирна.

Мамдани „мудро бараше допирна точка со Трамп: желба да го направи Њујорк подобро место за живеење“, рече Кејн.

Трамп може да биде „изненадувачки дружељубив кон оние од кои се чувствува малку посилен“, додаде Кејн.

Но, федералните службеници за имиграција стануваат сè поактивни во Њујорк, што би можело да стане извор на непријателство.

На 34 години, Мамдани е еден од најмладите градоначалници на Њујорк, а неговата политичка кариера е кратка – досега работел само како член на државното собрание на Њујорк.

За да го надомести тоа, тој се опкружува со искусни соработници, регрутирани од претходните градоначалнички канцеларии и администрацијата на поранешниот претседател Џо Бајден.

Мамдани исто така веќе отвори дијалог со бизнис лидери, од кои некои предвидоа масовен егзодус на богатите њујорчани ако победи. Лидерите во секторот на недвижностите ги побија тие тврдења во последните недели.

Поддржувач на палестинските права, градоначалникот, кој е муслиман и од индиско потекло, ќе мора да ја убеди и еврејската заедница во својот инклузивен стил на управување со градот.

Неодамна, една од неговите вработени поднесе оставка откако беше откриено дека објавувала антисемитски објави на Твитер пред неколку години.

„Градоначалникот на Њујорк е секогаш културна фигура“, вели професорот по политички науки Линколн Мичел.

Мамдани веќе ги одрази дел од културните вкусови на својата генерација со кратки обиди за рап музика, посетувајќи часови за театарска импровизација на Менхетен и носејќи го она што Њујорк Тајмс го нарече „типична почетничка облека за 30-годишник кој се обидува да биде сфатен сериозно“.

Њујорчани исто така со одобрување ја забележаа неговата ентузијастичка поддршка за неговата сопруга, уметник роден во Сирија, Рами Дуваџа.

Нејзиниот Инстаграм профил доби повеќе од еден милион нови следбеници од ноември, според Соушл блејд.

И на насловната страница на Кат, ценетото издание за мода и култура на списанието Њујорк, таа објави дека сепак го следи својот пат.

„На крајот на краиштата, јас не сум политичар. Тука сум да го поддржам Зохран и да го искористам максимумот од мојата улога како уметник“, рече таа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ