Лукашенко остро ги критикуваше државните функционери кои дозволиле дејствување на невладините организации кои ги нарече „штетни за државата“.
„Операцијата на чистење е во тек. Мислите дека е лесно? Илјадници наши луѓе работат за нив, и нивните мозоци се нарушени и испрани со странски пари“, кажа Лукашенко.
Белоруските власти во претходните недели ја заострија пресметката со независните медиуми и активистите на граѓанското општество.
Центарот за заштита на човековите права Весна наведе дека безбедносните агенции овој месец извршиле повеќе од 200 претреси на канцеларии и станови на новинари и активисти.
Белоруското здружение на новинари, чија забрана побара министерството за правда, наведе дека властите по вторпат месецов го претресле станот на слободната новинарка Тања Смоткина и ја привеле со обвинение за „поттикнување немири“.
Новинарката на американското Радио слободна Европа/Радио Слобода Ина Стуџинскаја, која беше уапсена минатата недела, вчера почна штрајк со глад бидејќи властите не ѝ дозволуваат да го види адвокатот, во нејзината ќелија нема кревет и светлото гори 24 саати на ден.
Во притвор се 31 новинар кои чекаат судење или издржување на казната.
Власта на Лукашенко почна остра пресметка со противниците по претседателските избори во август 2020 година, кога ширум земјата избија масовни антивладини протести. Демонстрантите се побунија поради официјалните резултати на изборите, според кои Лукашенко убедливо победи и доби шести мандат.
Поради учеството на повеќемесечните демонстрации уапсени се над 35.000 луѓе, од кои полицијата илјадници брутално претепа. На мета на властите беа и новинарите кои известуваа од протестите.






