Новинската агенција Фарс, блиска до властите, го цитираше командантот на Воздухопловните сили на Корпусот на Исламската револуционерна гарда, кој изјави дека „предупредувањето доаѓа затоа што некои земји од Персискиот Залив претходно дозволиле нивната територија да ја користат непријателите на Иран“.
Во извештајот се додава дека „доколку ова продолжи, економскиот крвоток ќе биде сериозно загрозен“, но не се прецизира за кои земји се однесува ова.
Командантот, исто така, објави дека „листата на цели“ на Иран се проширила надвор од воените инсталации и сега вклучува големи нафтени полиња и рафинерии низ Блискиот Исток. Конкретно биле споменати локации во Обединетите Арапски Емирати, Саудиска Арабија, Кувајт, Катар и Бахреин, пренесе Фарс њуз.
Многу од овие заливски држави се сојузници на САД, а на територијата на некои од нив се наоѓаат и американски воени бази.






