„Спремни сме, како и секогаш, да ги сместиме сите во авиони и да ги вратиме дома. Во тек е активна работа на убедување на луѓето да се вратат, но никој од нив не го сака тоа“, кажа Лукашенко.
Неколку илјади мигранти, главно од Блискиот Исток, неколку дена се наоѓаат на границата меѓу Белорусија и Полска.
„Сакам да истакнам дека не сакам конфликт на нашата граница. Тоа би било апсолутно штетно за нас“, кажа Лукашенко, кој ја обвини Полска дека ѝ е „потребна криза“ бидејќи има внатрешни проблеми и тензии со партнерите во ЕУ.
ЕУ го обвини Лукашенко дека ја оркестрирал кризата така што ги убедувал мигрантите да дојдат во земјата а потоа ги упатувал на границата со ЕУ.
Тој ги отфрли обвинувањата и го обвини Западот за целата ситуација.






