Германското министерство за развој ги прекина исплатите на Авганистан, што би можело тешко да го погоди талибанскиот режим. Германија, по Соединетите Американски Држави, беше најважниот донатор на развојна помош за Авганистан. Само за оваа година беа планирани 375 милиони евра за соработката со авганистанските власти и уште 75 милиони за проекти на цивилното општество. Сега од сето тоа би требало да остане само хуманитарната помош од 100 милиони евра.
„Се противам на наративот дека сега треба да се прекине комплетната развојна помош“, вели Вислер, една од двете носителки на листата на германска Левица на парламентарните избори кои се одржуваат за еден месеци. „Станува збор за луѓе кои сега патат под талибанците, но и поради ужасната хуманитарна ситуација во земјата“.
Во интервјуто од серијата разговори кои Дојче веле ги води со водечките кандидати на германските партии Џанин Вислер остро го критикуваше тоа што, како што кажа, евакуацијата од Кабул почнала предоцна. „Тоа мораше да се спроведе пред повлекувањето од Авганистан. Мислам дека имаме срамен однос кон локалниот персонал кога гледаме дека прво од Авганистан се префрлени 65.000 литри пиво, но дека во небрано се оставаат луѓе кои работеле за Бундесверот и други германски институции, активисти и активистки за женски и човекови права. Срамота“.
Вислер, на чија партија според последните анкети ѝ се предвидуваат 7 отсто поддршка од граѓаните, потсетува дека во мај само Левица и Зелените во парламентот гласале за евакуација на луѓето од Авганистан, додека другите не гласале. Наместо тоа, додава Вислер, министерот за внатрешни работи Хорст Зехофер до последен момент инсистираше Авганистанците кои го прекршиле законот да се протераат од Германија.
Сето тоа заедно „загрозило човечки животи“. „Целата сојузна влада – тука мислам на канцеларката и на вицеканцеларот – сите сносат одговорност“, додаде претседателката на Левица. Таа ги обвини владејачките демохристијани и социјалдемократи дека ја тегнеле работата до изборите, за среде предизборната кампања да не мора да зборуваат за миграциите.
Иако Левица изгуби неколку проценти поддршка во однос на претходните избори, сè повеќе се чини дека би можела да игра улога во формирањето на идната коалициска влада. Ако се одржи трендот, социјалдемократите и Зелените би можеле да формираат коалиција од левиот центар со поддршка од Левица или либералите.
Тука се поставува прашањето кој е коалицискиот потенцијал на Левица? На пример, таа партија отсекогаш се залага за излегување на Германија од НАТО и е против сите воени интервенции. Неодамна за Дојче веле социјалдемократскиот кандидат за канцелар и актуелен вицеканцелар Олаф Шолц кажа дека е исклучително „приврзан на германското членство на НАТО“.
„По катастрофата која ја доживуваме во Авганистан се чини дека постои една партија која нема многу причини за промена на својата надворешнополитичка позиција, а тоа е партијата Левица“, вели на тоа Вислер.
„Ќе беше поправилно по распадот на Варшавскиот пакт и завршувањето на Студената војна заедно да погледнавме дали можеме да создадеме поинаква безбедносна архитектура, која би ја вклучила и Русија. Тоа ќе имаше повеќе логика“, додава Вислер зборувајќи за принципиелната скепса кон НАТО.
На прашањето зошто Левица се смета за пријателски наклонета кон Владимир Путин, Вислер влече паралела со Србија: „Голема е разликата дали имате симпатии кон некого или мислите дека не треба да се оди во воена ескалација против некоја земја. Воопшто немав симпатии кон Милошевиќ, но сметав дека војната против Србија е погрешна. Тоа е разликата“.






