„Бајден го призна поразот во најдолгата војна која ја воделе САД. Кажа драматични, но вистинити зборови. Тешко е да се очекува дека војната ќе ја водат Американците или сојузниците на САД а не Авганистанците чија обврска е да се грижат за својата земја или да бараат политички решенија“, кажа денес Квашњевски за Виртуелна Полска.
Тој кажа дека Американците мора добро да размислат и да извлечат поуки од тоа што се случи во Авганистан бидејќи се покажа дека одредениот модел на однесување повеќе не е ефикасен.
„Имајќи ја предвид воената сила на САД, тие се во состојба да ја добијат секоја војна, но не умеат да го добијат мирот. Моделот на западната демократија проживува криза. Ако ние во Полска имаме проблеми со правната држава, што тогаш да кажеме за Авганистан“, кажа Квашњевски.
Дека мисијата во Авганистан мора темелно да се анализира и од страна на НАТО оцени и поранешниот шеф на воениот комитет на воениот пакт од 2015 до 2018, чешкиот генерал Петр Павел.
„НАТО би требало многу детално да го анализира развојот и да извлече поука од грешките кои се случија. Грешката ја гледам во тоа што мултинационалната коалиција ги постави критериумите за успешноста на мисијата и условите за повлекување, но на крајот се откажа целосно од нив а каква било анализа на ситуацијата во земјата ја замени еден критериум – симболичниот датум на заминување“, кажа Павел.






