Курц во интервју за германскиот дневник Билд кажа дека е лично загрижен од повлекувањето на меѓународните сили од Авганистан.
За фанатизмот на талибанците кажа дека не сака да се увезува токму таа „болна идеологија“ во Европа.
„Сигурно ќе продолжиме да протеруваме во Авганистан. Проблемите на Авганистан не може да се решат со тоа што Германија и Австрија, како во 2015, ќе примат масовно луѓе“, порача Курц.
Тој истакна дека ситуацијата во тие земји мора да се подобри.
„Ако луѓето мора да бегаат, тогаш сметам дека соседните земји, Турција или побезбедните делови од Авганистан, се дефинитивно вистинските места каде што луѓето можат да заминат, наместо да тргнат кон Германија, Австрија или Шведска“, објасни тој.
Кажа дека правото на азил било замислено како право за поединци и тоа ако некого го гонат од политички или верски причини.
„Правото на азил не беше замислено за цели земји или региони да тргнат на пат кон Европа и да кажат сакам токму во Германија. Тоа не е во духот на оние кои го замислиле правото на азил“, кажа тој.
Курц кажа дека веќе е голем проблем кога некој нелегално со помош на шверцери ќе влезе во Грција и додаде дека поради тоа е среќен што ставот во врска со тоа во Европа се сменил.
„Се гледа тоа и во Германија каде повеќе никој, од канцеларката Ангела Меркел па натаму не кажува ве молам тргнете на пат, ќе бидете примени во Германија, туку се испраќаат спротивни сигнали“, укажа австрискиот канцелар.
Зборувајќи за исламизмот објасни дека во меѓувреме секаде се сфатило дека масовниот бран емигранти од други култури, кои делумно или целосно се необразовани, предизвикал масовни проблеми во Европа.
Укажа на проблемот со криминалот, потсетувајќи дека пред неколку недели во Австрија едно 13-годишно девојче беше дрогирано, силувано и убиено од страна на повеќе авганистански момчиња.
„Таква бруталност во минатото немавме“, кажа Курц укажувајќи дека бројките јасно зборуваат за тој проблем.
Тој истакна дека е точно дека западните земји имаат проблем со луѓето кои доаѓаат од Авганистан, Пакистан, Чеченија и други делови од светот од целосно други култури и системи.
Потсети и дека со емигрантските бранови во последните неколку години е засилен, во поголем обем, антисемитизмот во Европа.
„Дојдоа луѓе кои се јасно хомофоби и кои не ги почитуваат правата на жените“, заклучи австрискиот канцелар.






