петок, 24 април 2026

Ревитализација на Самуиловата тврдина, археолошки доистражувања во Охридско…, приоритет на Министерството за култура и туризам

Заштитата, промоцијата и презентацијата на Охрид и охридската споменична целина како светски заштитено културно и природно наследство претставува врвен приоритет на Министерство за култура и туризам. Тоа го истакна министерот за култура и туризам, Зоран Љутков денеска од Охрид, каде што беше во работна посета, при што најави низа активности во таа насока за што се обезбедени средства од буџетот на министерството.

Објавено на

часот

Сподели

„Во годината кога охридскиот Завод и Музеј одбележува 75 години од постоењето, во годишната програма за заштита на недвижност и културно наследство издвоени се 13 милиони денари за активности за ревитализација на Самуиловата тврдина, како и за интервенции и археолошки истражувања на локалитетот Манчевци“ , рече Љутков.

Министерот од Самуиловата тврдина порача дека во завршна фаза е проектот за ревитализација на локалитетот, со археолошки доистражувања и изведба на илуминација и партерно уредување на летната сцена.

Со тоа, како што рече, ќе биде обновена традицијата за изведба на театарски претстави, концерти и други културни настани на оваа локација, а истовремено ќе биде во насока и на исполнување на компонентата за самоиздржливост на тој простор.

„Ова ќе биде и една од сцените што ќе може да се користи и за организирање настани во рамките на програмата на фестивалот Охридско лето“, рече Љутков.

Што се однесува на локалитетот Манчевци, тој рече дека обезбедени се средства за археолошки доистражувања, изведба на потпорен ѕид и обезбедување соодветни услови за презентација и промоција на тоа културно добро.

Директорот на Националната установа Завод и Музеј – Охрид, Горан Патчев, се заблагодари за значајните средства обезбедени од министерството, што ќе бидат насочени кон заштита на културните обележја на градот, но некои од нив и за активности во областа на музејската дејност, за меѓународна презентација и соработка, инвестиции итн.

„Во проектот за Самуиловата тврдина акцент ќе биде ставен на заживување на летната сцена, партерно уредување, патеки на движење, опис на локалитетот, санитарен јазол, илуминација, озвучување… Паралелно ќе се спроведуват и археолошки истражувања на просторот“, рече Патчев.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ