Американскиот претседател Џо Бајден изјави вчера дека новите санкции за Куба како знак на протест за „сузбивањето“ на неодамнешните протести во островската држава се „само почетокот“.
Министерката за финансии на САД, Џенет Јелен кажа дека се воведени санкции против кубанскиот министер за одбрана Алваро Лопез Миера и специјалната единица на министерството за внатрешни работи поради неодамнешното задушување на протестите на Куба.
Шефот на кубанската дипломатија Бруно Родригез на Твитер го осуди воведувањето на санкциите.
„Ги отфрлам неоснованите и клеветнички санкции на владата на САД против Алваро Лопез Миера и Специјалната бригада“, наведе Родригез.
На Куба неодамна беа одржани протести за време на кои загина едно лице а десетици беа повредени. Според тврдењата на опозицијата на Куба, уапсени се околу 100 луѓе.
Кубанците излегоа на улиците незадоволни поради недостигот од храна и други намирници, растот на цените и прекините на струјата, а некои повикаа и на промена на владата.






