Кралицата (95) која пред девет дена преноќи во болница, сепак ќе може да извршува „полесни работи“, вклучително и видеоповици, но во тој период мора да се откаже од секакви официјални активности.
Бакингемската палата пред два дена објави дека кралицата нема да присуствува на отворањето на климатската конференција на 1 ноември.
Веста дојде откако кралицата Елизабета Втора еден ден претходно одржа виртуелен прием во замокот Виндзор за јужнокорејската амбасадорка, што беше нејзина прва јавна активност откако минатата недела се врати од болница.
Кралицата е во многу добра форма, рече премиерот Борис Џонсон откако неделава разговараше со најстарата и најдолговечна владетелка во светот.
„Разговарав со Нејзиното височество и таа е во многу добра форма“, изјави Џонсон денеска за вестите на Ченел 4. Џонсон разговара со кралицата секоја среда. „Таа само треба да ги следи советите на своите лекари и да се одмори, мислам дека тоа е важна работа. Мислам дека целата земја ѝ посакува добро“, рече тој.
Кралицата на 20 октомври беше однесена во болница во Лондон на прелиминарни прегледи и се врати во Виндзор следниот ден за време на ручекот, соопшти тогаш Бакингемската палата.






