„Неодамна, САД и некои други земји се обидоа да интервенираат во прашањето на Тајван, што е кршење на политичките гаранции што ги дадоа при воспоставувањето дипломатски односи со Кина“, рече Ји пред самитот на Групата 20 во Рим, пренесе Политико.
Ако не успеаја да го прекршат принципот на „една Кина“ пред 50 години, тоа е уште помалку можно во денешниот свет на 21 век. И ако продолжат со тие активности, дефинитивно ќе ја платат соодветната цена, рече Ји.
Реакцијата на шефот на кинеската дипломатија следеше во време на зголемени тензии меѓу Кина и Западот околу Тајван, а тие дополнително се зголемија кога тајванската претседателка Цаи Ингвен пред неколку дена призна дека на островот се наоѓаат припадници на американската армија.
Покрај тоа, жестока реакција на Пекинг предизвика и европската турнеја на тајванскиот министер за надворешни работи Џозеф Ву, кој во четвртокот и петокот се сретна со неколку претставници на Европската Унија и со европратеници.
Во тие разговори Ву побара да се реализира инвестицискиот договор меѓу Европската Унија во Тајван, кој Брисел постојано го одложува бидејќи не сака отворен конфликт со Пекинг.






