Во Пјонгјанг вчера беа одржани уметнички перформанси, разни свечености и огномет за прослава на 76-годишнината од формирањето на Работничката партија на Кореја, но немаше голема воена парада која некогаш се одржува во такви прилики, пренесува Ројтерс.
Земјата е соочена со „големи задачи чија цел е прилагодување и развој на државната економија и постигнување на економските цели утврдени на неодамнешните состаноци, кажа Ким во говорот кој го пренесуваше државната новинска агенција КЦНА.
„Единствениот начин за динамично напредување, и покрај мрачната ситуација е целата партија да се обедини“, истакна тој.
Функционерите не би требало да сакаат привилегии и повластени третмани и „секогаш би требало да размислат дали нивната работа ги нарушува интересите на луѓето и им предизвикува неволји на другите“, порача севернокорејскиот лидер.
Државните медиуми покажаа како Ким се обраќа во една просторија полна со функционери, без видливо социјално дистанцирање, маски и други мерки против ковид-19.
Оваа земја, како што наведува Ројтерс, не пријави ниту еден случај на коронавирусот, но воведе строго затворање на границите, ограничување на движењето и други мерки.
Економијата на Северна Кореја е погодена од повеќегодишните санкции поради развојот на нуклеарната и ракетната програма, а во последно време и временските непогоди дополнително го отежнуваат животот на граѓаните.
[video:https://youtu.be/Rl1cuQQYs9U autoplay:0]





