Саар изјави дека бродот не влегол во пристаништето, дека сè уште не ја доставил својата документација и дека не е можно да се потврди точноста на украинските тврдења во врска со фалсификувањето на товарниот лист.
Тој го изјави ова на заедничка прес-конференција со српскиот министер за надворешни работи Марко Ѓуриќ, одговарајќи на новинарско прашање за неговиот коментар на изјавата на украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој на социјалната мрежа Икс објави дека Израел купува пченица од Русите земена од окупираниот дел на Украина.
„Јасно го отфрламе овој вид „твитер дипломатија“. Сега за фактите. Генералниот директор на нашето министерство разговараше порано денес со Израелската даночна управа, која започна истрага за овој случај. Кога истражувате нешто, не ги прејудицирате фактите. Бродот не влегол во пристаништето и сè уште не ја доставил својата документација“, рече Саар.
Тој изјави дека не е можно да се потврди точноста на украинските тврдења во врска со фалсификувањето на товарниот лист.
“До овој момент, украинската влада не поднесе барање за правна помош. Наместо тоа, тие објавуваа пораки на Твитер. Таквото барање е неопходно кога станува збор за тврдења за кривични дела извршени во странство. Исто така, украинската влада не доставила докази за своите тврдења. Израел е држава која го почитува владеењето на правото. Израелските власти се должни да постапуваат во согласност со законот. Правните расправи мора да се засноваат на докази”, рече Саар.
Тој повтори дека Израел ја отфрла „твитер дипломатијата“ и дека нема да биде под влијание на неа, и ѝ порача на Украина дека доколку имаат какви било докази за кражба, треба да ги достават преку соодветни канали.
„Малку е изненадувачки што ова доаѓа од земја која ја поддржавме на меѓународни форуми, помогнавме на различни начини, вклучително и хуманитарна помош, а неодамна и со обезбедување генератори за струја во текот на минатата зима. Но, претпоставувам, тоа е животот. Ќе се држиме до нашите принципи и принципите што ги кажав“, заклучи Саар.
Товарниот брод Панормитис, кој плови под панамско знаме и за кој се тврди дека превезува жито украдено од териториите на Украина под руска окупација, на почетокот на неделата влезе во заливот Хаифа.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Украина подготвува пакет санкции против актерите вклучени во извозот на украдено жито од окупираните територии откако бродот пристигна во пристаниште во Израел, со порака дека таквата трговија не е легитимна и ги поткопува билатералните односи.
Службите за следење на поморскиот сообраќај покажуваат дека бродот моментално мирува покрај израелскиот брег.






