По одржаната седница на претседателството на Партијата за демократска акција (СДА), лидерот на таа партија Бакир Изетбеговиќ истакна дека властите на РС ја преминале „црвената линија“ со прифаќањето на заклучоците за намера за пренос на надлежностите во областа на одбраната, безбедноста, правосудството и системот за собирање индиректни даноци од државата на ентитетот.
„Ги повикуваме НАТО и ЕУФОР со својот мандат да го засилат присуството во БиХ, особено во областа на Брчко“, кажа Изетбеговиќ.
Во БиХ во мисијата на стабилизациските воени сили се распоредени припадници на ЕУФОР, додека мисијата на НАТО заврши.
Сепак, НАТО во БиХ задржа посебен команден центар за координација на активностите во БиХ.
Изетбеговиќ го повика и обвинителството на Босна и Херцеговина да ги процесира одговорните за, како што оцени, кршење на Дејтонскиот договор.
Изрази очекување дека на неговата партија ќе ѝ се приклучат и другите бошњачки партии во Сараево во одговор на властите на РС.
„Додик е непредвидлив, имав лоши проценки на почетокот. Се плашам дека Додик ќе го влече јажето додека не пукне. Ако пукне, оние кои ја предизвикаа оваа ситуација најтешко ќе поминат“, истакна водечкиот бошњачки политичар.
На изјавата на Изетбеговиќ реагираше претседателката на Република Српска Жељка Цвијановиќ нарекувајќи ја изјавата за засилено ангажирање на НАТО и ЕУФОР глупост.
„Гледате ли какви се тоа глупости, на што да реагираат НАТО и ЕУФОР? Да ги дисциплинираат Србите? Тука нема никакви воени интервенции. Изетбеговиќ има најпогубна политика не само во БиХ туку во регионот“, кажа Цвијановиќ.
„Покрај тоа Изетбеговиќ е неспособен, нема капацитет и зборува за лажна мултиетничност. Ситуацијата во Босна и Херцеговина е болна и треба да се лекува со правни средства – политички разговор, а не со НАТО“, оцени претседателката на Република Српска.






