Сè уште не е одреден датумот на судењето.
Фенек е уапсен во ноември 2019 година под обвинение за соучество во убиството. За време на собирањето докази пред судењето се изјаснил за невин.
Каруана Галиција е убиена во експлозија на автомобил-бомба кога излегувала од својот дом на 16 октомври 2017 година. Тоа убиство ја шокираше Европа и отвори прашања за владеењето на правото во таа најмала членка на Европската унија.
Фенек бил на чело на бизнис империја која вклучувала недвижен имот, увоз и трговија со автомобили. Тој, исто така, бил на чело на конзорциум на кој спорно му бил доделен државен договор за изградба на електрана.
Каруана Галиција истражувала можна корупција при склучување на договорот кога била убиена.
Тројца мажи обвинети за подметнување и поставување бомба биле уапсени во декември 2017 година. Еден од нив се изјасни за виновен како дел од спогодбата и е осуден на 15 години затвор. Другите двајца чекаат судење.
Мелвин Теума, кој призна дека е посредник во заговорот, предаде докази и доби помилување. Тој рече дека Фенек го задолжил да го организира убиството.
Обвинителите бараат доживотна казна затвор за Фенек, соопштија судските службеници. Фенек е уапсен на 20 ноември 2019 година, во време кога неговата јахта се наоѓала близу Малта во, како што вели полицијата, обид за бегство од островот.
Тогашниот премиер на Малта, Џозеф Мускат, објави оставка во рок од неколку дена по апсењето на Фенек, откако беа откриени блиски врски меѓу бизнисменот и високи владини претставници.
Самиот Мускат отсекогаш негирал злоупотреба на службената положба.
Резултатот од јавната истрага за ликвидацијата на Каруана Галиција минатиот месец гласи дека државата мора да сноси одговорност за убиството откако создала „култура на неказнивост“.






