Американската војска во петокот соопшти дека спроведува нова серија напади врз Иран, кои започнале во „19:00 часот по Гринич“. Нападите, според соопштението објавено на платформата Икс, имаат цел „дополнително да ги ослабат воените капацитети на Иран“, по наредба на претседателот Доналд Трамп.
Според иранските новински агенции, експлозии се слушнале во јужниот дел на земјата. Ден претходно американската војска соопшти дека погодила „десетици ирански воени цели, меѓу кои позиции за крајбрежен надзор и противвоздушна одбрана, воена логистичка инфраструктура и поморски објекти“. Во тие напади загинале осум лица, според официјалната иранска новинска агенција ИРНА.
Од друга страна, иранските власти известија за оштетувања на електроенергетската мрежа на југот на земјата и ги повикаа граѓаните да ја намалат потрошувачката на електрична енергија, како и за нападнати мостови, пристаниште, аеродром, телекомуникациска инфраструктура и железничка станица.
Вашингтон не ги потврди овие информации. Американскиот претседател претходно оваа недела се закани со напади врз ирански мостови и електрани доколку иранското раководство не се врати на преговарачката маса.
Техеран ќе влезе во „фаза на сеопшта офанзива“ доколку американските напади продолжат уште „два или три дена“, предупреди во петокот Мохсен Резаи, воен советник на иранскиот врховен лидер, пренесе државната телевизија.
„Иран повеќе нема да се задоволи само со возвраќање на ударите и ниту една граница нема да биде безбедна“, изјави Резаи.
Револуционерната гарда, идеолошката војска на Исламската Република, предупреди дека нападите „ќе продолжат сè додека не се воспостави мир на јужниот брег и во Ормускиот Теснец“.
„Ормускиот Теснец станува стапица за двете завојувани страни. Логиката на ескалација сè повеќе им излегува од контрола“, оцени Давид Калфа, експерт за Блискиот Исток од фондацијата „Жан Жорес“, предупредувајќи на „ризик од поширок регионален конфликт“.
Нешто подоцна, Револуционерната гарда соопшти дека два нафтени танкери „експлодирале и се запалиле“ додека минувале низ минско поле јужно од Ормускиот Теснец.
„Два танкери, кои се обиделе да минат низ минското поле јужно од Ормускиот Теснец откако биле доведени во заблуда од американските разузнавачки служби, експлодирале и се запалиле“, соопшти Гарда, пренесе официјалната новинска агенција ИРНА на Телеграм, без да ја наведе националноста на пловилата или дали има жртви.
„За да ги заштитат својот имот и, пред сè, своите животи, морепловците не смеат да дозволат да бидат доведени во заблуда и да влезат во тоа минско поле“, додаде Револуционерната гарда.





