Британската агенција Ројтерс ги пренесе американските планови за воспоставување на програмата за бегалци „Приоритет два“, во која ќе бидат вклучени Авганистанците што работеле за американски проекти и за невладини тела и медиумски куќи.
Администрацијата на претседателот Џо Бајден беше под притисок на пратениците и независните групи да им помогнат на Авганистанците на кои им се заканува опасност од талибанска одмазда поради соработката со американските претставници за време на 20-годишното американско воено присуство на земјата.
Изворот на Ројтерс претходно потврди дека новата програма за соработници бегалци ќе вклучува Авганистанци што работеле на реализација на американски проекти, за невладини организации и американски медиуми.
Оваа група Авганистанци не ги исполнуваат условите за специјалната програма за имиграциона виза (СИВ), која вклучува преведувачи и друг помошен персонал, ангажирани во работни места за американската влада или за семејствата на американските претставници во Авганистан.
Околу 200 апликанти за СИВ, чии визи се во завршна фаза на обработка, и членовите на нивните семејства, пристигнаа во Соединетите Држави минатата недела како дел од операцијата за евакуација во која беа вклучени повеќе од 50.000 луѓе.






