Гувернерот на Тексас, Грег Абот во вторникот го бранеше новиот, исклучително контроверзен закон со кој се забранува абортус по шестата недела во речиси сите случаи. Единствениот исклучок предвиден во законот е за вонредни медицински компликации кои го загрозуваат здравјето на мајката.
Затоа, жените кои забремениле во случај на силување или инцест не се изземени од забраната за абортус. И бидејќи се проценува дека 85-90% од абортусите во Тексас се вршат по шестата недела од бременоста, повеќето Тексашанки кои би сакале да абортираат од која било причина, најверојатно во иднина нема да можат да го сторат тоа.
На новинарско прашање зошто новиот закон ги принудува жртвите на силување и инцест да родат ако забременат, Абот рече дека законот „воопшто не го бара тоа“, бидејќи „предвидува најмалку шест недели за едно лице да абортира“.
Сепак, според Форбс, шест недели се бројат од последната менструација на жената. Бидејќи вообичаено на жената ѝ требаат неколку недели за воопшто да сфати дека е бремена, јасно е дека тврдењето на Абот е неточно. Во пракса, бремената жена ќе има само околу две недели откако ќе сфати дека е бремена до истекот на рокот за абортус.
Абот додаде дека Тексас ќе ја минимизира бременоста предизвикана од силување со „агресивна работа на апсење силувачи и нивно гонење и отстранување од улиците“.
„Неуморно ќе работиме да ги елиминираме сите силувачи од улиците на Тексас“, рече гувернерот.
Ова тврдење, сепак, е исто така повеќе од сомнително. Истражувањата покажуваат дека огромното мнозинство силувачи никогаш не се гонети, осудувани, па дури и пријавени во полиција, од различни причини, пишува Форбс.
Според податоците на американската невладина организација „Национална мрежа за силување, злоупотреба и инцест“ од илјада извршители на сексуален напад, во просек само 310 биле пријавени во полиција, само 50 биле уапсени, а само 28 на крајот биле осудени.
Коментарите на Абот предизвикаа остра реакција од поборниците на правото на абортус.
„Ако не ја разбирате основната биологија, не треба со закон да ја регулирате телесната автономија“, коментира прогресивната група Ултравајлет.
Tell us you don’t know how pregnancy works without telling us you don’t know how pregnancy works.
6 weeks is before most people even know they’re pregnant. Maybe if you don’t understand basic biology you shouldn’t legislate bodily autonomy away.https://t.co/Vyr3VYfANG
— UltraViolet (Text JOIN to 98688) (@UltraViolet) September 7, 2021






