„Движењето на неврзаните земји има клучна улога во светот. Особено заседанието на ОН посветено на пандемијата е организирано на иницијатива на тоа Движење“, кажа Гутереш на пленарната сесија на Состанокот на високо ниво по повод 60-годишнината од првата конференција на Движењето на неврзаните земји во Белград.
Во обраќањето со снимена порака, Гутереш наведе дека „долго се обидува да го протурка планот на глобална вакцинација“ и додаде дека огромен број смртни случаи се последица на нееднаквата дистрибуција на вакцините.
Тој укажа и на други проблеми на современиот свет, пред сè климатските промени, загадувањето и губењето на работните места.
Истакна дека е многу важно помалку развиените земји да добијат пари за соочување со климатските промени.
„Важно е меѓународната соработка и мултилатерализмот да бидат од примарно значење. Акциите треба да бидат насочени да се имаат предвид и идните генерации и да се зајакне довербата“, кажа Гутереш.
Претседателот на Генералното собрание на Обединетите нации Абдулах Шахид, кој присуствува на собирот во Белград, кажа дека во борбата за подобри и поправедни меѓународни односи „нема сила“ како што е Движењето на неврзаните земји.
„Потребно е да постои постојано заговарање на мирот и пријателството и ова Движење служи токму за тоа. Условите се сменија од 1961 година, но потребата од дипломатија не“, наведе Шахид.






