среда, 6 мај 2026

Гледам луѓе во кафетериите, а не можам да влезам: гневот на невакцинираните Австријци

Објавено на

часот

Сподели

На Карина сега ѝ е дозволено да излегува од дома само во случај да оди на работа или да купи егзистенцијални намирници, а ѝ е забранет влез во кафулињата и рестораните. Репортерот на Би-би-си ја сретнал во еден виенски парк каде што сега вежба, бидејќи на невакцинираните луѓе им е дозволено да шетаат само во природа, физички оддалечени од другите луѓе.

Карина вели дека не ја разбира причината за карантинот и дека од понеделникот се чувствува празно.

„Утрово поминував покрај некои кафулиња. Малку е чудно, гледам внатре и знам дека не можам да влезам. Поради тоа се чувствувате навистина исклучени од сѐ“, вели таа.

Таа додава дека не ѝ се допаѓа тоа што, како што вели, државата ја таргетира како непријател што не се грижи за здравјето на другите.

„Јас не сакам луѓето да се разболуваат. Јас сум внимателна. Се тестирам. Не сум под висок ризик од коронавирусот и мислам дека вакцинацијата е многу лична одлука. Ги разбирам луѓето што се вакцинираат, но и оние што не сакаат“, вели таа.

Од друга страна, има и такви што не сакаат да бидат ограничени во ништо без разлика дали се вакцинирани или не. Тие побрзаа во центрите за вакцинација и откако се заострија мерките, вакцинирани се повеќе Австријци отколку во кој било претходен период. Само во изминатата недела дадени се нешто помалку од половина милион дози.

Пред местата за вакцинација има огромни редици, а една од оние што чекаат е Дорис, која за Би-би-си вели дека ќе се вакцинира за да може непречено да оди во шопинг и во кафулиња, без страв дека некого ќе загрози.

„Единственото решение е сите да се вакцинираме. Тоа е единственото решение. Инаку, одамна имаме проблем. И навистина сакаме да се ослободиме од него“, рече таа.

И д-р Томас Секерес, шефот на Австриската лекарска комора, вели дека се надева оти стапката на вакцинација ќе се зголеми на 80 проценти или повеќе.

„Знаеме дека вакцинацијата е единствениот начин да се намали бројот на заразите. Ова го знаеме од други земји. Се надеваме дека изолацијата за невакцинираните Австријци ќе биде доволна за да се намали бројот на заразените. Но експертите не се сигурни во тоа. Можеби ќе ни требаат дополнителни мерки за да се постигне целта за намалување на бројот на заразените“, рече тој.

Но има и такви што сметаат дека затворањето за невакцинираните не е уставно. Карл Велер, виенски бизнисмен, е еден од поддржувачите на вакцините, но не и на затворањето и дискриминацијата.

„Вакцината е неопходна за нашето здравје и за нашата економија, но мислам дека е катастрофално луѓето да се делат според тоа дали биле вакцинирани и невакцинирани. Луѓето стануваат сѐ повеќе лути и исплашени“, рече тој.

„Карантинот за невакцинираните беше далекосежна мерка и сега е важно да се примени и да се контролира. Дајте прво нека профункционира мерката“, изјави канцеларот Александар Шаленберг.

Според него, 35 отсто од граѓаните се соочуваат со масовно ограничување на слободите.

„Сакам да ги натерам невакцинираните луѓе да се вакцинираат, а не да ги затворам вакцинираните“, рече Шаленберг и порача дека нема да прифати да се воведе ноќен карантин и за вакцинираните.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ