Подружницата која ќе управува со германскиот дел на Северен тек 2 не ги исполнува условите да биде „независен оператор на преносот“, соопшти денес германскиот регулатор.
Германската Федерална агенција за енергетски мрежи, Бундеснецагентура, соопшти денес дека е „прекината процедурата за сертификација на компанијата Северен тек 2 АГ како независен трансмисиски оператор“ за гас, поради организациски и правни прашања.
„По темелната анализа на документацијата, Бундеснецагентура заклучи дека сертифицирањето на операторот на гасоводот Северен тек 2 ќе биде можно само ако организациската форма на тој оператор е во согласност со германскиот закон“, се наведува во соопштението.
Понатаму се додава дека компанијата Северен тек 2 АГ со седиште во Цуг, Швајцарија, „одлучила да не го трансформира својот постоечки организациски облик, туку да основа подружница според германскиот закон исклучиво за управување со германскиот дел на гасоводот“.
„Таа подружница ќе стане сопственик и оператор на германскиот дел на гасоводот, и тогаш таа мора да ги исполни барањата кои за независен трансмисиски оператор ги предвидува германскиот закон за енергетска индустрија“, наведе германскиот регулатор.
Германската агенција соопшти дека „процедурата за сертификација ќе остане суспендирана додека главните средства и човечки ресурси не бидат префрлени на подружницата, кога Бундеснецагентура ќе може да провери дали е поднесена целата документација на подружницата како нов поднесувач на барање“.






