Во планот за обнова на Полска има уште точки со кои треба да се позанимаваме, кажа тој.
„Го согледуваме и проблемот на предноста на правото на Европската Унија и неговите можни последици за полскиот план за обнова“, кажа Домбровскис. Додаде дека Европската комисија во врска со тоа е во контакт со полската влада.
Во Полска во моментов се води судски процес за прашањето дали полските закони имаат предност над законите на Европската Унија. Критичарите покрај тоа ја обвинуваат полската влада дека со реформите во последните години ја поткопала независноста на правосудството.
Европската комисија против Полска веќе почна повеќе постапки за кршење на договорите и поднесе тужби во Европскиот суд. Домбровскис сега потврди дека тие приговори се дел од расправата за помошта за Полска за надминување на коронакризата.
Освен тоа, Европската комисија се заканува со прекин на паричните средства за пет полски региони кои се прогласија за „зони слободни од ЛГБТ“.
Средствата од фондот за обнова по пандемијата се замрзнати додека тие региони не се дистанцираат од тоа, соопштија и еден од тие региони и Европската Унија.
Прогласувањето област, работно место или дејност „слободна од ЛГБТ“ претставува дејство кое е во спротивност со членот 2 од Договорот на Европската Унија.
Во Полска повеќе градови се прогласија за „зони слободни од ЛГБТ“. Тоа пред сè има симболично значење, бидејќи се сака да се спречи поттикнување на манифестации на хомосексуалните, бисексуалните и транссексуалните лица.
И во случајот на Унгарија ЕУ не ја исплаќа помошта за обнова од коронакризата.
Од европските кругови се слуша дека станува збор за постапки против можна злоупотреба на парите од ЕУ. Но, владата во Будимпешта ја обвинува Европската комисија дека помошта ја условува со укинување на еден спорен закон. Тој забранува информирање на деца за хомосексуалноста.
Полска и Унгарија своите планови за обнова ги доставиле уште во мај. Според досегашните податоци, Унгарија би требало да добие 7,2 милијарди евра неповратна помош, а Полска вкупно 40 милијарди евра неповратна помош и кредити. Но, одлуката за плановите на двете земји е одложена.
Брисел ги обвинува владите во Будимпешта и Варшава дека систематски ги поткопуваат основните демократски принципи како поделбата на власта на законодавна и судска, како и слободата на медиумите.






