Комисијата ќе одржи технички разговори за репатријација со Високиот комесаријат на ОН за бегалци (УНХЦР), Меѓународната организација за миграција и со Белорусија, напиша на Твитер портпаролот на Европската комисија, без дополнителни детали.
Тој повтори дека Белорусија треба да обезбеди пристап до хуманитарна помош и да обезбеди засолниште за мигрантите во земјата. Тој додаде дека претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ги продолжува контактите со европските дваесет и седум за тоа прашање.
Белорусија вчера објави дека се согласила да организира „преговори“ со Брисел со цел да се реши мигрантската криза на границите на ЕУ, по телефонскиот разговор меѓу белорускиот претседател Александар Лукашенко и германската канцеларка Ангела Меркел.
Според белоруското претседателство, двајцата лидери се согласиле дека целиот проблем е на ниво на Белорусија и на ЕУ и дека функционерите назначени од секоја страна треба веднаш да почнат преговори.
„Во тој контекст ќе се разгледа желбата на бегалците да заминат во Германија“, се вели во соопштението на белоруското претседателство.
Меѓутоа, Берлин во соопштението поинаку ги толкува разговорите, наведувајќи дека станува збор само за соработка меѓу Минск и ЕУ за да се обезбеди хуманитарна помош и да се најдат опции за репатријација на мигрантите во соработка со ОН и ЕУ.
Неколку илјади мигранти, главно од Блискиот Исток, со денови кампуваат на студено време и очајни услови по должината на полската граница на белоруската страна, надевајќи се дека ќе можат да влезат во ЕУ.






